Граѓаните и фирмите кои го чекаат последниот момент за да порачаат геодетски елаборати и да си ги легализираат објектите ризикуваат да останат без имотен лист, предупредуваат од Катастарот и од геодетските фирми. Според кажувањето на геодетите, тоа многу лесно може да се случи зашто за шест месеци, колку што истекоа од рокот за поднесување на елаборатите, состојбите воопшто не се промениле. До крајниот рок има уште една година, но тие веруваат дека и во овој случај ќе проработи македонскиот менталитет и во последните месеци ќе бидат затрупани со нарачки, кои нема да имаат време да ги сработат. Рокот за поднесување барање за легализација на дивоградбите беше септември 2011 година и оттогаш до денес на територијата на град Скопје вкупно се запишани 13.005 објекти кои биле дивоградби.
Граѓаните и фирмите кои го чекаат последниот момент за да порачаат геодетски елаборати и да си ги легализираат објектите ризикуваат да останат без имотен лист, предупредуваат од Катастарот и од геодетските фирми.
Според кажувањето на геодетите, тоа многу лесно може да се случи зашто за шест месеци, колку што истекоа од рокот за поднесување на елаборатите, состојбите воопшто не се промениле. До крајниот рок има уште една година, но тие веруваат дека и во овој случај ќе проработи македонскиот менталитет и во последните месеци ќе бидат затрупани со нарачки, кои нема да имаат време да ги сработат.
На ова во интервју за ВЕЧЕР предупреди и директорот на Агенцијата за катастар на недвижнини, Славче Трпески.
- Рокот за поднесување барање за легализација на дивоградбите беше септември 2011 година и оттогаш до денес на територијата на град Скопје вкупно се запишани 13.005 објекти кои биле дивоградби. На територијата на цела Македонија се издадени имотни листови за 31.834 објекти, или заедно со Скопје, за вкупно околу 45.000. Може да се појави проблем ако сите граѓани го чекаат последниот рок да направат елаборати, затоа што имаме 150 геодетски фирми и тие нема да можат да ги изработат сите ако нарачките ги примат во последните два месеца пред истекот на рокот. Остануваат околу 300.000 дивоградби што се уште не добиле решение за легализација - рече тој.
Такво размислување има и претседателот на Комората на геодетски фирми, Борис Тунџев.
- Моменталниот број на лиценцирани геодетски фирми е доволен да се завршат поднесените барања доколку целиот процес се одвива континуирано. Меѓутоа, знаејќи го менталитетот на нашиот народ кој во принцип го чека последниот момент, сигурен сум дека ако се случи ова, геодетските фирми нема да бидат во можност да одговорат на сите поднесени барања - вели тој.
Тунџев додава дека трошокот за изработка на елаборатите не може да биде причина за ваквото однесување на граѓаните, зашто, како што објаснува, цените се одредени со тарифник и не се високи.
- Ако направиме споредба со останатите држави каде се одвива овој процес, цените кај нас се најниски и во одредени случаи за објекти до 50 квадратни метри ги покриваат само трошоците, додека зафаќањето на државата по основ на ДДВ и користени податоци од Агенцијата за катастар на недвижнини потребни за изработка на секој елаборат се движат од 30-40% во зависност од видот на податоците - вели Тунџев.
Следејќи го досегашното искуство, геодетските фирми очекуваат навалица во последен момент.
- Откако се даде рок во кој треба да се достават геодетските елаборати, не добиваме повеќе порачки од претходно. За да се изработи еден елаборат потребно е време, најмалку еден месец, па ако граѓаните и фирмите решат да ги нарачаат пред истекот на рокот, ние нема да можеме да ги изработиме на време - велат од геодетската фирма Геоплан.
Тие информираат дека во последно време имаат повеќе барања за елаборати потребни за откуп на земјиштето, но нарачателите добивале известувања од општините дека треба да ги достават.
Дека работите, па и тие најважните обично се оставаат за последен момент сведочат првите искуства со легализација на дивоградбите. Во 2011 година неколку месеци пред истекот на рокот за поднесување на барањата за легализација, граѓаните навалија со порачки за елаборати, па тогаш повеќе геодетски фирми информираа дека веќе не ги примаат бидејќи се пребукирани. Тогаш интервенираше државата, која овозможи рокот за легализација да се фати само со доставување барање до општините, давајќи можност елаборатот да се поднесе подоцна.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, неодамна изјави дека како резултат на чекорите кои се преземени, до крајот на годината очекува да се легализираат 100.000 дивоградби. Тој упати апел до граѓаните и фирмите што поскоро да ги достават елаборатите.